Бугарското Министерство за транспорт се согласи да ги затвори бугарските пристаништа за руските бродови во Црното Море. Ова за БНТ го соопшти министерот за транспорт Николај Сабев. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Сабев, Бугарија има национален интерес да запре војната во Украина.

Тој рече дека ова во моментов се координира со министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска која е во Европската комисија во Брисел. Бугарија сака ова да се координира во рамките на ЕК. Според министерот за транспорт, ЕУ успеала да изгради ефикасна економска блокада за да ја запре војната во Украина.

Сабев рече дека руска авиокомпанија пред неколку дена добила дозвола од бугарските власти да изврши хуманитарен лет и да ги земе Русите кои биле на зимски одмор. Од 180-те граѓани кои Москва ги побарала да бидат превезени во Русија, во авионот се качиле само 70 нејзини граѓани, а останатите ја претпочитале Бугарија.

Николај Сабев најави дека побарал оставка од директорот на Службата за национална безбедност (НСО) во Бугарија бидејќи дозволиле премиерот Кирил Петков да биде погоден со снег за време на прославата на 144-годишнината од ослободувањето на Бугарија на врвот Шипка. Според него, НСО знаела порано и не се обврзала да го спречи нападот врз бугарскиот премиер Кирил Петков.