Бугарија нема да го обнови договорот за испораки на природен гас со рускиот енергетски гигант „Газпром“ поради војната во Украина и ќе ги разгледа алтернативните испораки и идниот заедничкиот договор со Европската унија за да го избегне недостигот од овој енергенс, изјави во сабота заменикот премиер Асен Василиев.
Бугарија речиси целиот гас го добива преку десетгодишниот договор со „Газпром“ кој истакува кон крајот на 2022 година. Откако под влијание на САД и ЕУ се откажа од руските енергетски проекти за нуклеарната централа Белене и гасоводот Јужен тек, Софија сепак со години ги одложуваше проектите за диверзификација на своите извори на енергенси, вклучително и поврзувањето на гасовод со соседна Грција и проширува на единственото подземно складиште на гас во земјата, сега бугарската влада настојува да ги забрза двата проекти поради стравувањата дека војната во Украина би можела да предизвика поголемо нарушување, пишува Bloomberg.
„Во оваа ситуација нема шанси да се разговара со Газпром“, изјави Василиев за националното радио БНР.
„Разговаравме и со Грција и со Турција да ја искористиме постојната инфраструктура за снабдување со течен гас (LNG) и да ги зголемиме испораките од Азербејџан, со кои земјата има договор“, рече Василиев.
Владата во Софија се надева дека заедничкиот механизам на Европската унија за снабдувањето ќе профункционира до крајот на летото, што ќе му овозможи на блокот да преговара за подобри цени, според министерот.
Војната во Украина веќе на принуди ЕУ да ја редефинира својата енергетска политика и бара побрзо намалување на енергетската зависност од Русија, којашто со 40-процентен удел е нејзиниот најголем снабдувач со енергија. Европската комисија минатата седмица изнесе план за замена на снабдувачите на речиси две третини од увозот на рускиот гас до крајот на годинава и настојува постепено целосно да ја укине зависноста од сите фосилни горива од Русија до 2027 година.