Бугарскиот претседател, Румен Радев, синоќа остварил средба со Пол Ахерн, прв заменик помошник секретар во американското Министерство за финансии, соопшти прес-службата на претседателот.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на официјално соопштение, тема на разговорот била корупцијата.
Претседателот Радев на средбата посочил дека бугарското општество е во важен момент од својот развој и граѓаните имаат големи очекувања за враќање на довербата во државата и за поголема транспарентност во работата на бугарските институции. Тој изјавил дека сака луѓето на важни функции во бугарската Влада да бидат отворени и транспарентни, како и сите судии. Дури се заложил за транспарентност и на нивните банкарски сметки и имот, без разлика дали се во Бугарија или во странство.
На состанокот присуствувал и амбасадорот на САД во Бугарија, Херо Мустафа.
Немаше средба меѓу американската официјална делегација од Министерството за правда со главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, во врска со санкциите против тројцата бугарски државјани од страна на САД и таа, според најавите, не е планирана ниту во наредните денови.