Вториот круг од локалните избори во Македонија е главна тема во бугарските печатени изданија и електронски медиуми, јави дописникот на МИА од Софија.
Темата со локалните избори по кои уследи оставката на премиерот на Македонија Зоран Заев, беше објавена во сите медиуми, без да се даваат коментари за тоа.
Софиското издание „Дневник“, по информацијата дека Зоран Заев поднел оставка од премиерската функција, наведува цитат од Заев од пред неколку дена, според кој, зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили.
Изданието „24 часа“ објавува дека Данела Арсовска, која е прогласена за „Бугарка“, станала градоначалник на Скопје, а премиерот Зоран Заев поднел оставка.
БНТ објавува дека од половината преброени гласачки ливчиња од ДИК во Македонија, се утврдило дека кандидатите за градоначалници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат огромна предност пред тие од владејачката СДСМ на премиерот Зоран Заев, како и оти партијата на Али Ахмети го изгуби Тетово и Гостивар.
На истата тема пишуваат и весникот „СЕГА“, информирајќи кусо за оставката на Заев, а националното радио БНР исто така информира за вториот круг од локалните избори во државава, што завршија синоќа.