По два часа расправа околу геополитиката и дали руската вакцина „Спутник V“ е најдобра или не, бугарскиот Парламент денеска не го одобри предлогот на опозициската Бугарската социјалистичка партија (БСП) за купување руски вакцини, јави дописникот на МИА од Софија .
Националното собрание, место тоа, и нареди на бугарската Влада „да ги преземе сите неопходни активности за одржување навремени консултации со Европската комисија, со цел да се истражи можноста за купување вакцини во врска со пандемијата, што добиле овластувања во земјите што не се членки на ЕУ или во Европскиот економски простор“.
На последниот ден од работата на парламентот, БСП вети дека ќе обезбеди секакви вакцини откако ќе победи на парламентарните избори во Бугарија.
-Една од првите работи што ќе ја сториме кога Бугарите ќе ни ја дадат довербата е да преземеме чекори за да обезбедиме слободен пристап до сите видови вакцини, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова. Таа објасни дека БСП го дала предлогот затоа што „владата на Бојко Борисов не успеа во планот за вакцинација“.
„Владата купи 13 милиони вакцини за 250 милиони евра. Вакцини нема. Бугарската Влада одобри план за вакцинација по групи што треба прво да се вакцинираат, а потоа самата го откажа планот. Владата постави зелени коридори, луѓето се построија и потоа ги вратија бидејќи вакцини нема“, додаде лидерката на најголемата опозициска партија.
Таа додаде дека втората причина е што БСП сака да обезбеди слободен избор за бугарските граѓани за сите опции за вакцинирање.
Според Нинова, не е проблем што тоа е во спротивност со бугарскиот закон за лекови, бидејќи властите во Софија ги сменија „законите двапати во рок од 24 часа“.
На аргументот на ГЕРБ дека не можат да сторат ништо без европските власти, Нинова се спртивстави – „никој не Ви го забранува тоа“ и го даде примерот на Чешка, Унгарија, Словачка и Австрија.
-Сите оние кои почнаа да се вакцинираат со руската вакцина се префрлија на кинеските поради недостаток на залихи, рече како одговор кон неа пратеникот од владеачката партија ГЕРБ, Христо Гаџев. Тој додаде дека би бил среќен руската вакцина да биде одобрена и увезена во Бугарија, бидејќи илјадници Бугари ќе бидат вакцинирани со неа. „Единствениот проблем е можноста за снабдување“, рече Гаџев.
Според него, и унгарскиот премиер Виктор Орбан се вакцинираше со кинеска вакцина, бидејќи по првиот увоз на руски вакцини, испораките биле запрени.