Бугарскиот вицепремиер за фондови на ЕУ и министер за финансии Асен Василев заедно со министерот за енергетика Александар Николов заминува во работна посета на Вашингтон, соопшти прес-службата на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие предводат делегација во која ќе бидат претставници на големите бугарски енергетски компании како нуклеарната централа Козлодуј, државната гасна компанија Булгаргаз и Булгартрансгаз која е вклучена во изградбата на гасни проекти.
За време на посетата на Вашингтон, Василев и бугарската делегација ќе имаат средби во Белата куќа, Стејт департментот, Министерството за трговија и Министерството за енергетика, како и со претставници на Агенцијата за развој за финансии, Американската Агенција за развој и трговија на САД и Американската банка за извоз и увоз.
Главни теми на разговор ќе бидат енергетската диверзификација, енергетската ефикасност, модерните и зелените технологии и климатските промени.
Делегацијата ќе има средба и со претставници на американскиот бизнис, организирани заеднички со Американската стопанска комора и Американската стопанска комора во Бугарија, како и со Американската централноевропска бизнис асоцијација и Институтот за нуклеарна енергија.
Посетата на министерот за енергетика на Бугарија Александар Николов на САД ќе продолжи со посети на Питсбург, Хјустон и Далас.