На денот на своето распуштање бугарскиот парламент едногласно не почести со нова декларација во однос на спорот со Македонија. Покрај потврдените претходни услови кои ги имаме сега добивме и нови. Според декларацијата која во Собранието ја презентираше пратеничката на ГЕРБ и поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, ќе мораме да ги прифатиме бугарските тврдења за минатото, ако сакаме напредок кон ЕУ.
-Отфрлување на лажните и манипулативни тврдења за бугарското минато во општеството, општествениот и политичкиот простор на Република … Македонија и ги прифаќа како намерно влевање омраза кон Бугарија и Бугарите. Точка осум: Истакнува дека заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓани со бугарска самосвест во Северна Македонија мора да се гарантира преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската унија и со одлуката на 47-то Народно собрание од 25 јуни 2022 година, изјави Захариева.
Како што веќе е познато дел од оваа декларација е и новиот закон со кој Македонија сака да стави крај на формирањето на клубови именувани по спорни историски имиња. Бугарија жестоко оди против планот на државава да го забрани дејствувањето на клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ под тие имиња и статут кој го имаат.
-Противење на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во … Македонија. Овие промени може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година за одредени периоди и лица, пишува во Декларација.
Инаку ова не е прв пат бугарските народни избраници да бидат едногласни во однос на Македонија, истиот случај беше и кога се гласаше претходната декларација која стана пречка на еворпскиот пат на државава.
За разлика од своите бугарски колеги, кои и на последниот ден од својот мандат се занимаваат со овој спор, македонските пратеници во 2021-ва изгласаа една и единствена декаларација за спорот со Бугарија, која за жал власта не ја испочитува со прифаќањето на Францускиот предлог.