Германскиот министер за здравство Јенс Спан изјави за „Билд“ дека фудбалската сезона во Бундеслигата може да започне одново на 9 мај.
Кампањата беше прекината во средината на март поради пандемијата од коронавирусот.
Германската фудбалска лига ги прекина натпреварите првично до 2 април, а потоа продолжи мерката на претпазливост против ширење на инфекцијата до 30 април.
– Користејќи го концептот на натпревари без публика, целосно е можно да се обнови сезоната. Најважно е да се осигура дека ризикот од зараза е минимален. Организирањето натпревари на 9 мај ќе биде добар знак за милиони љубители на фудбалот, иако трибините ќе останат празни, прокоментира Спан.
Лидер во првенството е Баерн, по одиграни 24 од 34 кола со 55 бода, а Баварците имаат 4 бода предност пред Борусија Дортмунд.
Во Германија има над 140.000 заразени со „КОВИД-19“, а повеќе од 4.000 починаа.