Шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, тврди дека неговите единици ја презеле контролата врз градот Ростов на Дон, додека претседателот на Русија се подготвува за вонредно обраќање до јавноста.
Војската шета низ Ростов, а патролираат оклопни возила.
Пригожин кажа дека силите на „Вагнер“ ќе продолжат да го блокираат градот и ќе се движат кон Москва, освен доколку началниците на одбраната Сергеј Шојгу и Валери Герасимов не дојдат да го пречекаат.
Да потсетиме дека војниците на групата „Вагнер“ под контрола на Пригожин тргнаа кон Ростов на Дон, по неговото обвинување дека руската армија ги „уништува“ неговите борци.
Пригожин вети дека ќе го запре „злото“ на военото раководство и го најави „маршот на правдата“ на неговите војници.
Москва реагираше со покренување истрага против шефот на групата „Вагнер“, кој беше обвинет за предизвикување граѓанска војна.