Меѓународната организација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ е основана во 1970 година со цел да се афирмираат активностите на фолклорните фестивали, презентации на ракотворби, уметности, изложби…, да ги промовира културите во светот и да ги учи младите за светското културно наследство.
Претседател на ЦИОФФ е Филип Бусон, кој годинава како посебен гостин престојуваше на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.
Во интервју за МИА, Бусон вели дека се уверил во националното и интернационалното значење на македонскиот фестивал „Илинденски денови“.
– ЦИОФФ директно соработува со УНЕСКО, посебно во делот на нематеријалното културно богатство и како моќна невладина организација имаме висок респект од УНЕСКО, посебно кога се одлучува на Генералното собрание чии состаноци се одржуваат во Париз. ЦИОФФ ги споделува вредностите на УНЕСКО. Нашите настани годишно ги следат околу 15 милиони посетители, а ако се анализира економскиот аспект, тогаш може да кажам дека се вложуваат многу средства за помош и одржување на фестивалите на локално или национално ниво. Ние пак директно или индиректно влијаеме и придонесуваме за локалниот туризам во 103 држави членки на ЦИОФФ, посочува Бусон.
Како го оценувате Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола? Каква организација воочивте, каква програма евидентиравте ?
Многу сум горд што Фестивалот успеа да се одржи во време на актуелна пандемија која претставува пречка за фестивалите, но и за ансамблите. Во Битола гостуваа ансамбли кои се далеку од овој регион, односно освен од Балканот, имаше фолклорни групи и од САД и Русија. Прв пат сум тука, а дојдов на покана на Националната секција на ЦИОФФ Македонија и горд сум на организацијата на овај предобар Фестивал. Слободно ќе речам ова е Голем фестивал и затоа чест ми е што бев дел од Фестивалот кој ќе расте и ќе се развива, а ние ќе придонесиме да го зголеми капацитетот и да биде познат насекаде во светот.
Што ве импресионираше во земјава и градот домаќин?
Најголем впечаток ми остави македонскиот народ, кој е многу добар и гостопримлив. Многу сум задоволен од Битола, тоа е прекрасен град. Ги видов Старата чаршија, Хераклеја, Широк Сокак, прекрасната архитектура… Го посетив и Охрид и изненаден сум од богата култура и убавините кои ги поседува тој град крај прекрасното езеро.
Се разбира мојот главен фокус беше Фестивалот „Илинденски денови“ кој е со богата традиција и кој бил и е домаќин на фолклорни групи од сите страни на светот. Фестивалот постои повеќе од 50 години, идентично колку и нашиот ЦИОФФ и затоа со задоволство, заеднички ги славиме јубилеите. Само на фестивали од ваков тип има можности младите меѓусебе да се запознаваат и да дознаат за различните култури што само по себе е дополнителна вредност.
На Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола ги славиме пријателството, младоста и мирот. Фестивалите им овозможуваат на илјадници луѓе да се запознаат со културното богатство од други краишта на светот, од други континенти, затоа како што нагласив, овој Фестивал е голем фестивал.
Што ќе презентрате во Париз и дали имате некои идеи поврзани за овој Фестивал?
– Ќе пренесам целосен извештај за сите 10 фестивалски денови, за сите ансамбли, искуства и приказни што ги слушнав. Би сакал лично јас и ние како организација да придонесеме повеќе во развојот на овој Фестивал. Мило ми е што сме партнери заедно со УНЕСКО и уште подраго е токму тоа што се случува во оваа мала држава, а зборуваме за толку голем и познат фестивал.
Информиран сум дека порано гостувале ансамбли од сите континенти, а и сега ансамблите од сите страни на светот имаат информации за оваа мала држава, со толку голем фестивал на кој учествуваат фолклорни групи со висок квалитет. Со сите култури кои тука се презентирани ни се трудиме заедно, сите ансамбли и државите од каде доаѓаат да придонесуваме за подобар свет, и тоа токму од тука, од Битола. И, да големо беше задоволството што видов толку многу публика, која ужива во овој Фестивал гледајќи ги различните култури од повеќе земји.
Дали наскоро повторно може да ве видиме во Битола и која е вашата порака ?
Се враќам во Париз, и на обвските во ЦИОФФ, но ветувам дека повторно ќе дојдам во Битола затоа што тука има голем фестивал кој го менаџираат млади луѓе, амбициозни и кои ги препознаваат потребите на младите. Посветеноста кон младите е клучна активност во работата на ЦИОФФ, затоа што тоа помага за пренесување на знаењата и е гаранција за продолжување на традициите. Со зближување на културите ние директно придонесуваме за мирот во светот и затоа порачувам да играме заедно, да пееме заедно, да го градиме мирот во светот заедно.
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола на фестивалскиот календар на ЦИОФФ е од 2010 година и е единствен од земјава со сертификат на таа меѓународна асоцијација на фолклорните фестивали кој го доби во 2017 година со одлука донесена на Генерално Собрание на ЦИОФФ, што се одржа во Индонезија.
Марјан Танушевски за МИА