Царинската управа денеска информира дека во текот на минатата недела заплениле девизи, цигари, употребуван мотор, алкохолни пијалоци, лекови и други предмети при различни обиди за криумчарење.
На Меѓународниот аеродром Скопје при контрола на куфер на патничка која имала намера да отпатува со лет за Лондон, царинарниците заплениле 27 штеки цигари со македонски акцизни маркички од марките Малборо и Ротманс.
Царинарниците пронашле употребуван мотор за возило „Мицубиши“ 1994 во багажник на автомобил при влез во државата на граничниот премин Ново Село.
– На граничниот премин Св.Наум на влез во државата запленети се 75 пакетчиња и 123 ленти различни видови лекови (Amaryl 2 mg, Anafranil 25 mg, Procto Synalar-N 15 g, Androcur 50 mg, Pilokarpine, Arava 20 mg и други) за чиј увоз е потребна дозвола од Агенцијата за лекови и медицински средства. Лековите се пронајдени во една ќеса и една торба сместени под предните седишта на автомобил. Вредноста на привремено задржаните лекови изнесува 83.180 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 8.526 денари. И 58 пакувања со ветеринарни лекови (Limoxin, Pentstrep, Alben Care, Macotyl 300, Agalaxipra, Exiptol, Genta 100и други), за кои е потребна дозвола за увоз, се откриени во патните торби на двајца патници при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Стење, се наведува во соопштението.
Вкупно 5.600 евра се пронајдени при личен претрес на патник кој се пријавил за излез од државата на граничниот премин Делчево. Возачот, како што се наведува во соопштението, пријавил дека со себе носи 2.000 евра, но во внатрешен џеб од неговата јакна биле пронајдени 7.600 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи му биле вратени 2.000 евра, а 5.600 евра се привремено задржани.
– На влез во државата на граничниот премин Богородица во просторот за резервна гума на автомобил пронајдени се 31 штеки цигари PS без акцизни маркички. Вредноста на непријавените цигари изнесува 27.900 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 55.890 денари. Во багажник и помеѓу седиштата на патничко комбе кое се пријавило за влез во државава на граничниот премин Ново Село, пронајдени се пет делови за автомобили (браници, крила и менувач) и еден детски мопед на бензин. Десет ќилими ICON-120*170 см, една правосмукалка со чистач на пареа KIWI и 600 метри пластични лајсни се пронајдени при контрола на стока со потекло од Турција. Стоката била пријавена за увозно царинење во Царинска испостава Гевгелија и наменета за увозник од Гостивар, но не била опфатена во царинските документи, се вели во соопштението.
Царинарниците пронашле и 842 разни верски предмети, 50 креми за лице и 84 килограми мед во 16 кутии и една ќеса сместени во товарниот дел на камион кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Дојран. Вредноста на производите, кои не биле опфатени со царинските документи, изнесува 899.460 денари, а избегнатите давачки се во износ од 327.067 денари.
Во истиот период инспекторите од мобилни царински тимови спречија повеќе обиди за криумчарење.
– На граничниот премин Блаце во картонски кутии, сместени во багажникот на автомобил кој се пријавил за влез во државава биле пронајдени 120 цилиндри за брави марка GUARD, додека 23 шишиња виски LAGAVULIN 16YO 43 отсто од 700 милилитри се пронајдени во преградите за алат, помеѓу седиштата и во џебовите на седиштата на патничко комбе пријавено за влез во државава на граничниот премин Табановце. Во автомобил кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце, биле пронајдени две употребувани конзоли PLAYSTATION 4, 49 употребувани контролери за PLAYSTATION 4 и девет употребувани контролери за X-BOX, се додава во соопштението.
Од Царината информираат дека при контрола на автобус кој сообраќал на вонредна линија Приштина-Истанбул-Приштина, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, под седиштата во подвозјето од десната страна, во редот позади возачкото седиште, бил откриен бункер подготвен за криумчарење разна стока.




