После денешниот работен состанок на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за образование, Мила Царовска, и пратеникот и поранешен министер за образование, Арбер Адеми, се согласиле „сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование“, пренесе Сител. При денешната посета на Битола, министерката Царовска рече дека е формирана Комисија.

-Дискутиравме за сите неправилности, знаете дека и досега како Министерство повлековме учебници со дикриминирачка содржина, исто така и во овој учебник, географија втора година гимназиско образование. Исто така има содржина која е несоодветна, но формирана е Комисија, која што треба да разработи предлози и понатаму да постапуваме, рече Мила Царовска, министер за образование.

Таа истакна дека разговарале и за системско решавање на овој проблем.

-Какви филтри треба да поставиме во образовниот систем за да не ни се случува провлекување на ваков тип содржини што е недозволиво да постојат во учебниците во нашата држава, истакна Царовска.

Од кабинетот на Груби соопштија дека во случајот со овој учебник, но и со другите, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебниците.

„Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“.

Медиумите на албански јазик во земјата деновиве објавуваа вести наведувајќи ги спорните нешта наведени во учебникот. Како што е на 99 страница од учебникот, каде што е напишано: „меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род што потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

И на 104. страница како спорен момент го наведуваат напишаното дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, тоа што е напишано: „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.