Одлуката којашто е донесена предвидува учебната година да започне со физичко присуство. Јас можам да зборувам за работи кои до денеска се донесени и за кои ние се подготвуваме, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување во „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија, за тоа како ќе започне новата учебна година.
– До Владата предложивме три сценарија уште во јуни месец. За истите сценарија беа известени и родителите и училиштата. Свое мислење даде и Главниот координативен штаб. Исто така препораките на УНИЦЕФ и на ОЕЦД се дека училиштата треба први да се отворат и последни да се зтаворат. Бидејќи најважниот интерес на детето е правото на учење. Минатата година покажавме дека со 40 отсто присутност на учениците во училиштата, училиштата не се трансмитери на вирусот – рече Царовска.
Министерката истакна дека како држава минатата година осум месеци се следеле училиштата кои многу одговорно постапуваа кон протоколите и истите се почитуваа и од наставниците и од родителите и од учениците.
– Доказ за тоа дека настава со физичко присуство може да се одвива под протоколи е минатата година, заради тоа речиси се идентични протоколите. Има некои мали измени за спроведување на настава со физичко присуство, а минатата година немаше ниту еден случај на интерно ширење на болеста. Тоа го потврди и Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Навистина сметам дека на истото ниво на одговорност ќе бидат и директорите и наставниците и учениците – рече Царовска.
Министерката истакна дека се предвидени и исклучоци за отсуство од настава со физичко присуство. Тие се однесуваат на децата кои имаат хронични болести, деца чии родители или други членови на домаќинството имаат хронични болести, но има и од немедицински причини за што училиштето само ќе одлучува.