Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска во синоќешното гостување во емисијата „Програма 200“ на Алсат телевизија изјави дека сетот здравствени и економски мерки што ги презеде Владата даваат резултати.
– Економската криза не е тајна, таа се случува во светот, се случува и кај нас, но може да оцениме дека меѓународните финансиски институции, па и домашните институции се позитивни во проекциите, што укажува дека падот на приходите е помал од она најдрастично сценарио и дека БДП најмалку ќе падне во нашата држава во споредба со земјите во регионот, тоа го проектираше и Светската банка. Тоа покажува дека оние мерки што се димензионирани и во делот на здравствен протокол на заштита, но и во економска поддршка, даваат резултати, рече Царовска во синоќешното интервју.
Додаде дека производството во земјава не застанало, а не бил стопиран ниту увозот и извозот, туку се одвивал со намален интензитет.
– Значи целосно затворање никогаш не направивме, а сепак здравствената криза не достигна одредена драматична бројка, оцени Царовска.
Таа говореше и за олабавувањето на мерките, за следењето на здравствената и економската состојба на дневно ниво и за преземањето на соодветни мерки за справување со последиците од вирусот.
Царовска ги повика граѓаните, работниците и компаниите да ги почитуваат препораките и мерките за заштита, посочувајќи дека само така може да се сочува јавното здравје.