Мерката „трето дете“ не се укинува за сите кои го оствариле правото досега и за оние кои ќе го остварат правото во наредните 10 месеци по носење на законот за да можат да го родат детето што веќе е зачнато. Тие ќе го остваруваат правото уште 10 години по стариот закон, рече министерката за труд и социјална полтика Мила Царовска одговарајќи на прашање на пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница.
Во контекст на тоа, Царовска појасни дека по имплементација и завршување на стариот закон ќе се интервенира само до единечна исплата за прво, второ и трето дете, затоа што тоа, како што додаде, е доволна стимулација што е без материјален цензус.
-Наместо на богатите да им даваме осум илјади денари, независно од нивните примања за да родат трето дете, парите ги насочуваме кон сиромашните и тоа е дел од владината програма. Сметам дека само таква политика може да доведе до намалување на сиромаштијата во нашата држава од една страна, а од друга страна како министерка сум подготвена да дискутирам за тоа што Македонија нема демографска политика. Вие ниту направивте, ниту воведовте демографска полтика, а тоа бројките го кажуваат и затоа сите заедно со национален консензус треба да донесеме нова политика за демографија, која на долг рок ќе ги даде ефектите во рамки на наталитетот за наредните 15 години, рече Царовска.
Наталитетот во времето на ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна Царовска, драстично опадна и по воведувањето на мерката „трето дете“.Според податоците наталитетот во Македонија во 2010 година бил 11,8, а во 2017година 10,5. Вашата мерка имаше можност 10 години да се имплементира, но не даде резултати. Па ако одредена мерка не дава резултат тогаш таа треба да се трансформира, да се измени и да се воведе нешто ново што ќе даде ефект, посочи Царовска.
Ние, како што рече министерката, токму затоа тргнавме оваа мерка да ја трансформираме како стимулација за прво, второ и трето дете, а на сиромашните да им ги дадеме правата што им следуваат.