Цените на нафтата на меѓународните пазари пораснаа на над 96 долари за барел, откако водечките производители одлучија да го намалат производството во октомври, а руски „Газпром“ ја одложи испораката на гас за Европа преку „Северен тек 1“.
На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладнево беше повисока за 3,43 долари отколку на затворањето на крајот од минатата недела и изнесуваше 96,42 долари. На американскиот пазар, во електронската трговија се тргуваше по 2,94 долари повисока цена за барел.
Американските пазари денеска се затворени поради празник.
Трговците денеска очекуваа одлука од ОПЕК и неговите сојузници, вклучувајќи ја Русија, за производство во октомври.
ОПЕК плус одлучи малку да го намали производството во октомври, за 100 илјади барели дневно, што одговара на само 0,1 отсто на глобалната побарувачка.
Загриженост предизвика и рускиот гасен гигант „Газпром“, кој во петокот одлучи дека сепак за викенд нема повторно да почне со испорака на гас во Европа преку „Северен тек 1“ поради наводно истекување нафта во турбината во Портановка кај Санкт Петербург.
Цените на гасот пораснаа утрово на европските пазари за 30 отсто. Аналитичари предвидуваат зголемена потрошувачка на нафта во производството на електрична енергија.
Во август, Меѓународната агенција за енергија ја зголеми својата проценка за побарувачка за нафта годинава, дел и затоа што се очекува некои земји, поради рекордни цени на гасот и струјата, гасот во електраните да го заменат со нафта.
ОПЕК одделно објави дека барел нафта на нејзините членки минатиот петок се зголеми за 95 центи, на 99,22 долари.