Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје категорично демантира дека постои иницијатива за поскапување на такси услугите, изјави претседателот на групацијата, Сашо Рајчановски. Тој посочи дека ваквите информации, кои се појавиле во медиумите, не се точни и можат да предизвикаат

непотребна загриженост меѓу граѓаните.

„Таксистите немаат поднесено барање до Советот на Град Скопје за повисоки цени, бидејќи во моментов нема основ за тоа. Тарифите се регулирани пред две години, кога воведовме три различни тарифни ставки на таксиметрите. Сите возачи сега возат по втората тарифа. Ако некоја компанија сака да премине на третата, највисока тарифа, може тоа да го стори со промена на ценовникот во возилото,“ појасни Рајчановски, додавајќи дека шпекулациите најверојатно потекнуваат од недоволно информирани извори.

Во моментот, скопските таксисти ја користат втората тарифа, која вклучува почетна цена од 50 денари и 30 денари по километар. Оваа тарифа важи кога цената на горивото е во опсег од 75,50 до 119,50 денари за литар, според одлуката на Град Скопје. Третата, највисока тарифа, предвидува почеток од 60 денари и 35 денари по километар и се активира само доколку цената на горивото надмине 120 денари за литар.