Цените на нафтата денеска се стабилизираа на меѓународните пазари близу 65 долари, бидејќи трговците ги преиспитаа оценките дека ескалацијата на тонот во трговскиот конфликт меѓу САД и Кина ги зголеми шансите за рецесија и ја загрози побарувачката на енергија.

На лондонскиот пазар барел нафта попладне се тргуваше по цена од 47 центи повисока од вчерашната затворена цена од 64,68 долари. На американскиот пазар поскапе за 52 центи на 61,22 долари.

Пазарите беа потресени кон крајот на минатата недела поради ескалацијата на трговските тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави царини од 10 отсто на увозот од земјите ширум светот. „Реципрочни царини“ се планирани и за увоз од трговски партнери кои континуирано бележат суфицит во трговијата со САД.

Така, кинеските производи ќе бидат предмет на дополнителна царина од 34 отсто од среда, со што вкупната американска давачка за кинескиот увоз ќе достигне 54 отсто.

Пекинг возврати со објавување царини од 34 отсто за американскиот увоз, а исто така најави забрана за извоз на технолошки минерали во САД.

„Непријателството станува се поизразено, па и ризикот се зголемува“

Американскиот претседател се закани со дополнителни 50 отсто царини по одговорот на Кина, а кинеското министерство во вторникот соопшти дека нема да потклекне пред американската „уцена“.

„Ќе се бориме до крај“, гласеше пораката на Пекинг, подгревајќи ги стравувањата за светската економија.

„Тонот е сè понепријателски, па ризикот од рецесија се зголемува, што ги намалува изгледите за глобалната побарувачка на нафта“, објаснува Оле Хвалбај од СЕБ.

Во такви услови, трговците во изминатите денови вклучија значителна штета на побарувачката во цената на нафтата, но се уште не е јасно до каде ќе претрпи, објаснува Ворен Патерсон од ING.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел од кошничката нафта на нејзините членки во понеделникот паднал за 4,6 долари на 66,25 долари.