Од Центарот за социјална работа во Прилеп, за случајот со двете починати бебиња од селото Славеј, велат дека семејството во кое има уште три малолелтни деца на возраст од 4, 3, и година и пол, било евидентирано како корисник на парични помош за трето дете и за детски додаток и до пред неколку месеци живеело во Прилеп. Никогаш не било пријавено од никого дека семејството е во социјален ризик, известува Каролина Дурло за АЛФА.
„Сакаме да нагласиме дека не станува збор за екстремно лоши и нехумани услови како што вчера нели првично беше пласирано. Туку напротив. Станбените услови се релативно добри, односно има простор, има простории за живеење. Единствено што им недостасува беше хигиената во домот…Што се однесува за грижата на децата, домот беше затоплен, за време на нашата посета во домот беше топло, запален оган, дополнително затоплување со греалка. За децата имаше обезбдедено доволно храна, децата беа со уредна надворешност, значи соодветно облечени“, – изјави Гордана Велјаноска од ЦСР – Прилеп.
Останатите три малолетни деца засега се во својот дом и за нив, покрај родителите, ќе се грижи и нивниот дедо. А во наредните денови, тим од Ценатрот постојано ќе врши надзор со цел понатамошно постапување.
Претходно беше известено дека братче и сестриче, стари само 15 дена од прилепското село Славеј, починале. Според првичните информации, машкото новороденче починало уште дома, а додека женското, битката за живот ја загубило во прилепската Болница, и покрај сите обиди на лекарите за да го реанимираат. Телата на несреќните бебиња се предадени на обдукција, со цел утврдување на точните причини за смртта, иако првичните сомнежи се дека најверојатно станува збор за премрзнување.
Од прилепската Болница информираат дека бебињата биле породени спонтано на 30 декември, како недоносени, со родилна тежина од 1970 грама машкото и 1780 грама женското бебе. Заради недоносеноста бебињата останале во Болницата до 10 јануари, кога по барање на мајката и со нејзин потпис биле пуштени дома.
„На 16.01., во 10.45 часот на ѐодделот за детски болести било женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Машкото новороденче, претходно починало дома од истата причина. По приемот на женското новороденче веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција, извршена е реанимација, интубирано е, поставено во топли ќебиња. И покрај сите преземени мерки, состојбата се влошува и во 13 часот, за жал е констатирана смрт“, стои во соопштението од прилепската Болница.