Медицински отпад, шприцеви и искористени игли се наоѓаат насекаде во дворот од Центарот за зависности во Кисела Вода. Сликата е повеќе од очајна, а жителите на Кисела Вода секојдневно стравуваат за нивната безбедност. Загрижува и фактот што непосредно до Центарот се наоѓаат основно училиште и црква.
Ова е единствен центар од ваков вид во Скопје и околината, кој има три дневни болници, дневни болници за зависности А и Б и дневна болница за алкохолизам. Тука се лекуваат преку 500 пациенти кои најчесто доаѓаат да ја земат терапијата наутро. Тие не се задоволни од основните услови кои ги нуди Центарот, велат дека е преоптоварен со преголем број на пациенти и се наоѓа на несоодветна локација.
Пациентите доаѓаат да ја примат потребната доза метадон, најчесто тоа се случува и во дворот на Центарот, каде што според фотографиите кои ги објавуваме, можат да се забележат пакувања од лековите. Запрепастувачки е што некои од зависниците го продаваат метадонот на црно на малолетни лица. Секојдневно овде се случуваат физички пресметки помеѓу зависниците, кои неретко се дрогираат сред ден во кругот на Центарот за зависности.
Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, на работилницата која се одржа на 21-ви минатиот месец, посветена за овој проблем, изјави дека ингеренциите за надминување на проблемот се во рацете на други институции.