Од трите кандидати за нов републички јавен обвинител остана само Љупчо Коцевски – Фетаи и Раичевиќ отпаднаа

Од тројца кандидати само Љупчо Коцевски доби зелено светло од Советот на јавните обвинители во трката за тоа кој ќе го наследи досегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески. Коцевски доби едногласно позитивно мислење од сите членови, а генералниот заклучок на членовите на советот за време на дускусијата беше дека станува збор за кандидат кој има успешно долгогодишно искуство како јавен обвинител првично во Вишото ЈО во Гостивар, а сега и во државното обвинителство.

„Негува добри меѓучовечки односи во текот на своето работење лично се ангажира на стручно усовршување исто така членовите на советот едногласно сметаат дека поседува и организаторски способности за извршување на функцијата јавен обвинител на ЈО со оглед на тоа што ги познава состојбите во ЈО и има способност да го организира квалитетно и успешно извршувањето на функцијата на истото“, истакнала Душица Димитриевска, претседателка на Советот на ЈО.

Коцевски во телефонски разговор за Канал 5 кажа дека за одлуката на Советот дознал од медиумите и додаде дека станува збор за поминат еден праг и дека постпаката понатаму ќе треба да тече според законот.

За разлика од него, двете обвинителки Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ не добија позитивно мислење. Како што соопштија членовите на советот Фетаи отпаднала уште на почеток поради недоставена потврда за деловна способност, но таа смета дека советот уште еднаш треба да си ја преиспита одлуката..

-Деловната способност е еден од општите услови предвидени за секој јавен обвинител, не само за државниот обвинител, па би било пожелно ако веќе Советот на ЈО се држи до став како денешниов да одговори колку од досега избраните јавни обвинитело во државата во минатото и сега имаат доставено уверение за докажување дека се деловно способни. – вели Фетаи за Канал 5.

Обвинителката Раичевиќ ги имаше сите документи, но доби негативно мислење од сите членови. Дел од членовите сметаат дека таа не би можела да се носи со организација на институцијата, а еден од нив забележа дека последниот случај за тројцата доктори од Онкологија заврши со ослободителна пресуда.

„Мојот труд начинот на обработка, почитување на правта на обвинетите, водење на привчна постапка е гаранција за мојот начин на работа со кој стојам со својот целосен интегритет и се надевам дека Советот на ЈО и тоа ќе го препознае и можеби оваа опашка за предмет кој не е правосилен ќе сфатат дека не треба да биде дел од дадено мислење за јавен обвинител на државата“ изјави Лидија Раичевиќ.

Сега Советот треба мислењето за избраниот кандидат да го достави до Владата каде што ќе се одлучува дали ќе го одобри и потоа предлогот да оди на гласање во Собрание, но останува неизвесно дали изборот воопшто ќе се случи до стапувањето на сила на техничката влада. Во меѓувреме, за ВД државен обвинител беше назначена обвинителката Соња Симовска