Вечерта на 15 јули 2016 година „Фетулаџиската терористичката организација“ (ФЕТО) започна крвав обид за државен удар против народот и владата на Туркије. Нивната единствена цел беше да формираат радикален, фундаменталистички режим кој ќе беше лојален единствено на нивниот лидер Фетуллах Ѓулен.

Армиските единици составени од приврзаници на ФЕТО излегоа од касарните со намера да ги окупираат клучните точки, како Босфорскиот мост во Истанбул, додека воените авиони и борбените хеликоптери ги нападнаа стратешките цели како Собранието, Претседателскиот комплекс, Генералштабот и Директоратот за безбедност. Притоа, илјадници цивили излегоа на улица за да го спречат овој дотогаш невиден кукавички обид за преврат. Пучистите убија 251 невин човек и ранија илјадници луѓе. Турскиот народ таа вечер ја одбрани демократијата по цена на својот живот. Оваа херојска реакција беше нешто кое пучистите не го предвидоа.

За да ги разбереме случувањата, треба да го откриеме вистинското лице на ФЕТО. ФЕТО беше основана на крајот на 1960-тите години како наводно „верско движење“. ФЕТО, затскриено зад превез на образование и поттикнување на меѓуверски дијалог, успеа да ги сокрие своите подмолни намери.

Децениското тајно и подмолно планирано инфилтрирање на припадниците на ФЕТО во армијата, безбедносните сили, правосудството и во голем број на државни институции, вклучувајќи го овде и министерството со кое раководам, всушност било дел од планот кој кулминираше вечерта на 15 јули 2016 година.

Да успееше обидот за државен удар, денес ќе имавме едно многу поразлично Туркије. Немаше да има демократија, додека основните човекови права и слободи ќе беа суспендирани на неопределено време. Мојата земја ќе беше во канџите на една екстремистички настроена влада.

ФЕТО не се задоволила само со контролирање на значаен дел на образовните институции, туку истовремено си формирала и голем број на финансиски институции. Сметките на овие банки беа полнети од страна на истакнатите припадници на ФЕТО во стопанството и трговијата, како и од државните службеници и народот. Преку манипулирање со духовните чувства, голем дел невини цивили беа убедени да придонесат во финансирањето на ФЕТО. Прикриено очекувајќи го последниот потег, огромните приходи стекнати од училиштата во разни краишта на земјата беа канализирани кон овие банки.

По крвавиот обид за преврат на 15 јули 2016 година, почна чистката во државните институции, вклучувајќи ја и армијата, како и чистката на лица и компании од приватниот сектор поврзани со ФЕТО. Беа приведени дел од најистакнатите имиња кои го планирале пучот, додека останатите избегаа од правдата и се засолнија во странски држави. Лидерот на терористичката организација ФЕТО сѐ уште живее во САД. Нашата влада години наназад ја бара екстрадицијата на Ѓулен од САД и на останатите припадници во Европа. За жал, овие барања сѐ уште не се реализирани.

Од друга страна, низа влади од останатите делови на светот, чиј број расте со секој минат ден, ја разбираат заканата од оваа терористичка организација кон нив и ги превземаат потребните чекори. ФЕТО воедно има и незаконски дејности како измами со визи, перење на пари и шверц на оружје. Како резултат на ова, во голем број на земји припадниците на ФЕТО се чистат од јавниот и приватниот сектор. Голем број на училишта во странство поврзани со ФЕТО, по 2016 година се пренесени во сопственост на турската државна образовна фондација „Маариф“. Денес, училиштата на „Маариф“ се активни во голем број на земји и нудат одлично образование со светски стандарди.

Содржината и обемот на борбата на Туркије против ФЕТО, не се разликува од борбата на другите држави против организациите кои ги тероризираат нивните власти и цивили и ги загрозуваат демократските вредности, како и основните човекови права и слободи. Туркије го прави она кое споменатите земји во минатото го правеле во борбата против тероризмот. Сите дејности се во согласност со законот.

Тероризмот нема националност, етничка припадност или вера. Оваа закана му се заканува на целото човештво. Затоа, и одговорот кон оваа закана треба да е заеднички и одлучен. Ниедна држава не може да си дозволи луксуз да прави дистинкција меѓу терористите и ниедна терористичка организација не може да биде категоризирана како „корисна“ според нивниот избор. ФЕТО е одговорна за стотици изгубени животи и за останатите извршени тешки дела кон турскиот народ. Шест години по 15 јули 2016 година, Туркије продолжува со одлучната борба против ФЕТО, слично како во борбата против ПКК, ПЈД/ЈПГ, ДХКП-Џ и ИСИС.

Очекуваме меѓународната заедница да се солидаризира со Туркије во борбата против тероризмот.

 

Колумна на турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу по повод одбележувањето на 15 јули – Денот на демократија и национално единство