Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин очекува одложеното Европско првенство да се одржи според планот следната година, изјави тој за шпанскиот весник „Ел Мундо“.
ЕП 2020, што требаше да се одржи во 12 града помеѓу јуни и јули, беше одложено во март за 2021 година, откако новиот коронавирус го блокираше светскиот спорт.
Чеферин минатата недела изјави дека има проблеми со тројца домаќини, притоа потенцирајќи дека овие загрижености нема да спречат да се одржи турнирот. Говорејќи за „Ел Мундо“, Чеферин остана уверен дека турнирот ќе се одржи во 2021 година.
– Да, би се обложил на тоа. Не гледам зошто не треба да се случи. Не мислам дека вирусот ќе трае вечно. Ситуацијата е сериозна, но се подобрува и сега сме повнимателни. Знаеме повеќе за вирусот и во моментов сум оптимист, започна тој за шпанското издание.
Додека некои првенства, како што е Бундеслигата, се вратија, а други веројатно ќе ја следат, натпреварите засега ќе се играат зад затворени врати, а некои експерти предупредуваат дека нема да биде безбедно навивачите да ги посетуваат стадионите додека не се најде вакцина.
Сепак, Чеферин верува дека навивачите наскоро ќе можат повторно да ги поддржуваат своите омилени тимови од трибините.