Челзи ги повика своите навивачи кои отпатуваа во Неапол за вечерашниот натпревар од Лигата на шампиони да бидат дополнително внимателни откако двајца симпатизери на лондонскиот клуб беа пренесени во болница.

„Клубот е запознаен со инцидентот што се случи во Неапол во вторникот вечерта. Двајца навивачи беа згрижени во болница откако се здобија со повреди кои не се опасни по живот. Ги повикуваме сите навивачи да бидат внимателни додека се во Неапол и да ги следат советите претходно издадени од клубот“, соопшти Челзи.

Во моментов нема официјални информации за инцидентот во кои се повредени двајцата навивачи на Челзи.

Околу 2.500 навивачи на Челзи имаат билети за натпреварот против Наполи, кој ќе се вечерва од 21 часот на стадионот „Диего Армандо Марадона“.

Пред натпреварот, англискиот клуб ги повика своите навивачи да избегнуваат прошетки низ Неапол со обележја на Челзи и да се собираат на однапред договорени локации од каде ќе бидат транспортирани до стадионот со специјални автобуси под полициска придружба.

Пред последното коло од групната фаза на Лигата на шампиони, Наполи е на 25. Место на табелата и потребна му е победа за да обезбеди место во нокаут фазата од натпреварувањето, додека Челзи, кој е на осмото место, има шанса да обезбеди директно место во осминафиналето.