Лондонски Челси стана само вториот тим кој стигнал до 600 победи во Премиерлигата зад Манчестер јунајтед кој има 690 откако вечерва со 3-0 триумфираше против Астон Вила
Ромелу Лукаку го отвори резултатот по 15 минути игра, напаѓачот биеше прецизно за 1-0 на асистенција на Ковачиќ.
На стартот од вториот дел, Ковачиќ се запиша во листата на стрелци откако Мингс лошо врати една топка до својот голман.
Во последните мигови, Лукаку стави точка на натпреварот, силно биеше од врвот на шеснасетникот за 3-0.
Во Германија, актуелниот фудбалски шампион Баерн Минхен се враќа со три бода од гостувањето кај Лајпциг, откако запиша убедлива победа од 4-1 во четвртото коло од Бундеслигата.
Роберт Левандовски по 12 минути ја погоди мрежата на Лајпциг за 1-0, по што на стартот на вториот дел Мусиала и Сане стрелаа за убедлива предност од 3-0.
Лајмер во 58. минута намали на 1-3, но тоа не им помогна на неговите соиграчи да избегнат пораз, а за уште поубедлива победа на баварскиот гигант стрелаше Чупо-Мотинг во 92. минута.
Баерн има 10 бодови по четири одиграни кола, додека пред него е само Волфсбург кој има 12 бодови.