Чешка протера 18 руски дипломати под сомнение дека офицери на руската служба ГРУ биле вмешани во експлозијата на магацин за муниција во Врбјетице во Чешка есента 2014 година, кога загинаа две лица.
Вицепремиерот Јан Хамачек, кој привремено ја извршува и функцијата министер за надворешни работи, го извести рускиот амбасадор дека 18 дипломати од руската амбасада мора да ја напуштат Чешка во рок од 48 часа.
Сите вработени во руската амбасада во Прага, кои според чешки информации се руски разузнавачи од службите ГРУ и СВР, се протерани.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш на вонредна прес-конференција рече дека Чешка е суверена земја и дека мора да реагира на тие сознанија „без преседан“.
„Врз основа на недвосмислени докази од истрагата на нашите безбедносни сили, морам да констатирам дека постои основано сомнение дека офицерите на руската тајна служба ГРУ учествувале во експлозијата на магацинот за оружје во Врбјетице во 2014 година“, рече Бабиш.
Тој додаде дека го информирал и чешкиот претседател Милош Земан и дека и тој се согласил со одлуката за протерување на руските дипломати.