Премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, кој денеска престојува во официјална посета на Македонија, претпладнево со високи државни почести беше пречекан пред платото на Владата.
Во Владата во тек е средба на чешкиот премиер со неговиот домаќин, премиерот Зоран Заев.
Предвидено е премиерот Бабиш да има средби и со шефот на државава Стево Пендаровски, со собранискиот спикер Талат Џафери, со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и со министерот за економија Крешник Бектеши.
Пред доаѓањето во Скопје, Бабиш најави дека ќе искаже поддршка од Чешката Република за евроинтеграцијата на Македонија.
Со своите домаќини ќе разговара за билатералната соработка и за актуелните случувања на Балканот, во Европа и во светот. Разговорите ќе бидат фокусирани и на можностите за чешки инвестиции во земјава.
Во попладневните часови чешкиот премиер Бабиш заедно со вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе го посетат граничниот премин Богородица.
Чешка испраќа свој полициски контингент на јужната граница од Републикава од февруари 2016 година за спречување на мигрансткиот бран. Досега низ чешкиот контингент во земјава минале над 1.000 полицајци.