Чешкиот увоз на руски гас е зголемен за над 500 проценти

/ 24.12.2024

Чешкиот увоз на гас од Русија се зголеми за околу 530 отсто на годишно ниво, изјави главниот економист на Тринити банка, Лукаш Кованда.

Владата во Прага минатата година објави дека повеќе нема руски гас во Чешка, но оттогаш ситуацијата значително се промени, така што Русија заедно со Норвешка е убедливо најголемиот увозник на оваа стока во Чешка.

Увозот на норвешки гас во Чешка во периодот од јануари до октомври 2024 година е намален на годишно ниво за речиси 40 отсто, а ова намалување се компензира со значително зголемување на испораките од Русија, додава Кованда, јавуваат чешките медиуми.

Чешка во првите десет месеци од 2023 година увезла 145.600 тони гас од Русија, а годинава во истиот период обемот на увоз на руски гас се зголемил на 915.900 тони, истакнува чешкиот експерт.

Кованда потсети дека Чешка добива руски гас индиректно преку Словачка, Унгарија и до неодамна Австрија, а не преку директен контакт со рускиот извозник Газпром, пренесува ТАСР.

Според него, проблем може да биде и прекинот на транзитот низ територијата на Украина, што треба да се случи од новата година, а тоа може да доведе до значително намалување на достапноста на рускиот гас во Чешка.


Од истата категорија