И покрај војната во Украина и проблемите кои од тоа произлегоа, а со кои мораше да се справи чешкото претседателство со Европската Унија, чешкиот министер за европски прашања Микулаш Бек оцени дека Чешка успеала во својот приоритет за постигнување напредок во проширувањето кон Западен Балкан, додека неуспех е влошената ситуација со илегалната миграција без постигнување договор за реформа за одобрување азил.
– Воведена е нова динамика во процесот на проширување на ЕУ. Уште пред нашето претседателство, Украина и Молдавија добија кандидатски статус и ова е сигнал за напредок. Успеавме Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус за време на нашето претседателство, рече Бек во интервју за агенцијата ЧТК.
Разочарување за чешкото претседателство било одбивањето на Австрија да им дозволи на Бугарија и Романија заедно со Хрватска да влезат во Шенген зоната.
– Тоа е едноставно сигнал што ги комплицира идеите за каков било предвидлив пат до Шенген зоната, бидејќи во случајот со Бугарија и Романија, Европската комисија заклучи дека тие ги исполнуваат сите критериуми. Тоа се заканува да го зголеми скептицизмот кај граѓаните на отфрлените земји кон ЕУ, што е и разочарување за сите други земји кои во иднина ќе се обидат да влезат во Шенген зоната, рече Бек.
Чешкиот министер за европски прашања предупреди дека состојбата со илегалната миграција се влошува, а Чешка не успеа, како што се надеваше, дека ќе се постигне договор за барем делумни механизми за солидарност во миграциската криза до крајот на нејзиното претседателство, односно до крајот на оваа година.
– Ова не би значело обврзувачки квоти, туку би создало простор земјите кои се соочуваат со најголем број мигранти на своите граници да имаат поддршка од останатите. Дискусијата за ова не се одвива доволно брзо, позициите на земјите-членки исто така оддалечени. Секако, постои и огромен бизнис на шверцери на мигранти и бегалци, со кој многумина се занимаваат и немаме ефективни инструменти да го потиснеме, рече Бек.
Чешка, исто така, за успех ги смета договорите со земјите од Западен Балкан за усогласување на нивните визни режими со Европската Унија и помош за сузбивање на миграцијата долж балканската рута.