Со положување цвеќе пред спомен-плочата на неговата родна куќа во стариот дел на Охрид денеска беше одбележана 111-годишнината од смртта на охридскиот гемиџија Марко Бошњаков.
Претставници на Општина Охрид, на локалните институции, на Подрачната единица на историскиот архив на Македонија, Сојузот на Борци од НОБ и политички партии, се поклонија пред спомен-плочата на Бошњаков.
Во чест на Бошњаков во Подрачната единица на Историскиот архив на Македониа се одржа и историски час на кој зборуваше Славица Јанкоска, а беа презентирани и сите историски документи што ги поседува архивот.
Марко Бошњаков бил директен учесник во солунските атентати. Роден е во 1874 година во Охрид, каде завршил основно образование, а средно на педагошкиот отсек при Солунската гимназија. Поради својата револуционерна активност е исклучен од образовната установа. Во гемиџискиот кружок се вклучува во 1901 година. Потоа директно се вклучува во идејата на гемиџиите, изнајмувајќи ја својата бакалница на гемиџиите во Солун.
„Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“, е мислата што Бошњаков ја изговорил непосредно пред смртта, која и денеска се раскажува меѓу луѓето.