Унгарскиот Национален центар за јавно здравје денеска одобри употреба на руската вакцина против коронавирус Спутник V во таа земја, соопшти унгарскиот министер за човечки ресурси Миклош Каслер.
Како што наведе во објава на Фејсбук, Центарот ја заврши официјалната проценка на вакцината Спутник V, во која беше заклучено дека ги исполнува стандардите за квалитет и може да се користи на луѓе.
„Така, во Унгарија, уште една вакцина, Спутник V е одобрена за употреба, по вакцините на компаниите Фајзер/Бионтек, Модерна и АстраЗенека. Сега имаме четири вакцини за борба против коронавирусот”, напиша Каслер, пренесува ТАСС.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно објави дека земјата може да потпише договор за купување кинеска вакцина против вирусот корона, откако Агенцијата за лекови ја одобри вакцината Синофарм на крајот на јануари.