На Пиринеите во Шпанија од денес до недела ќе се одржи петтото по ред светско првенство во скајранинг – екстремна форма на планинско трчање, на кое за прв пат ќе настапи и македонска репрезентација составена од најуспешните натпреварувачи од последните две државни првенства одржани на Титов Врв.
Во популарните дисциплини вертикален километар и скај-маратон ќе не претставуваат: Дејан Ангелоски, Елена Ртоска, Александар Кирковски и Сања Најдовски.
Вертикалниот километар е кратка и експлозивна трка на која се совладуваат 1000 висински метри во што е можно пократко растојание на многу стрмен терен, додека пак скај-маратонот е натпревар на издржливост каде ќе треба да се совладаат 42 километри и 3000 висински метри по високопланински патеки.
Учеството на светското првенство е во организација на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија која веќе трета година е полноправен член на Светската скајранинг федерација. Претходно македонски тим со успех дебитираше на еден голем собир на европското првенство во Италија одржано во септември 2019-та година.