Четворица млади мажи загинаа по напад од нилски коњ на езерото Наиваша во Кенија, јавија локалните медиуми.
Група од 14 мажи сакале нелегално да ловат риба на бреговите на езерото, популарна туристичка атракција лоцирана околу 80 километри од главниот град Најроби во Долината на Раседот.
Неколку нилски коњи ја нападнале групата, јавија кениските медиуми додавајќи дека некои од мажите успеале да испливаат на безбедно, додека други биле нападнати од животните или се удавиле.
Според роднините, мажите се обидувале да го надополнат семејниот приход со риболов, пренесе ДПА.
Нилските коњи, кои ноќе пасат по брегот на езерото, можат брзо да станат агресивни кога ќе почувствуваат дека нивната територија е нарушена.
Туристичките оператори постојано ги предупредуваат посетителите да не шетаат ноќе покрај езерото и да не застануваат меѓу животните и водата.




