Четвртина бурек и чаша јогурт, толку власта предвиде дека е доволно еден студент да јаде во текот на денот.  МОН го објави јавниот повик за пријавување за субвенциониран студентски оброк, според кој студентите во учебната 2023/2024 ќе јадат на одредени места, со посебна платежна картичка на која ќе има само 140 денари во текот на денот. Парите ќе можат да се користат од понеделник до сабота, но небулозата е што ако не се искористат истиот ден кога ќе се префрлат тие пари пропаѓаат.

Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во наведениот период не го искористи правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенциониран студентски оброк не му се префрла во наредниот ден. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови, велат од МОН.

Покрај тоа што студентите добија дневен износ кој не е доволен ни за леб и сирење, парите ќе се префрлаат исклучиво преку една банка. Студентите ќе мора да отворат сметка во Шпаркасе банка за да им се издаде наменска платежна картичка.  Ако не се подигнат картичките навреме, нема да може да се користат воопшто .  Студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк ќе можат да се пријават повторно од 1- 7 ми во месецот секој месец .

Сите студенти кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали  претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран студентски оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка АД Скопје, велат од МОН.

Повисока сума за студентски оброк и подобрување на студентскиот стандард, студентите бараа на протести. Власта одобри повисока сума за 20 денари од лани, но разликата во тоа е што минатата година, целосната сума студентите ја добиваа месечно на сметка, а сега се условуваат да се потрошат 140 денари во 24 часа за оброк. Зошто МОН го направи овој чекор е нејасно.