(Четврта недела од великиот пост)
Угодникот Божји, преподобниот Јован живеел во 6 век. Родум Сириец, а наречен Лествичник бидејќи е автор на книгата „Лествица“ (Скалила), по местото на благочестивите подвизи – Синаит.
На 17 годишна возраст, Јован се принел себеси во жртва Богу – телото го вознел на Синајската гора, а душата на небесната гора. Откако живеел на Синајската гора во подвиг на осамеништво 19 години, до својата 40 годишна возраст, преподобниот се оддалечил во синајската пустина Фола, која се наоѓа на 5 стадии од Синајската црква, и таму во голем подвиг на строг пост и непрекината молитва, се подвизувал 40 години.
Во текот на светата Четириесетница, неговиот пост бил толку необичен, како и должината на времето на неговиот пост. Иако не се отклонувал од храната која е разрешена од уставот во времето на постот, за да го скрши, како што велел, рогот на гордоста, сепак јадел толку малку што попрво би се рекло дека вкусувал одошто дека јадел. Од секоја страст тој решително се воздржувал, наредувајќи ѝ: молчи, занеми!
Неговото покајание било поврзано со длабока скрушеност на срцето и со многу солзи. Долго по неговото упокојување, под гората ја покажувале тесната пештера – неговото скришно место на подвигот на покајанието, којашто ја нарекуваат слезоточна, и која била толку оддалечена од општежитието, за да не го слушаат и другите ридањето на Јован.
Откако бил поставен за раководител, односно игумен, на браќата, тој започнал пат на воздигнување кон Бога и уште поголемо приближување до небесата. Слично на Мојсеј, вели неговиот животописец, се приближил до Бога, го примил во мислите Богонапишаниот закон и со перото на духот го напишал, по прозба на преподобниот Јован, игуменот Раифски, делото „Рајска лествица“, кое го предал не само на оние кои биле од него раководени, туку и на сите кои сакаат да се воздигнат кон небесата.
Одејќи по степените на духовното усовршување, уште поревносно отколку претходно, пред да прими началство над браќата, тој ја изложил книгата кон пастирот, станувајќи на тој начин раководител на раководителите. Преподобниот Јован Лествичник се претставил пред Бога на 80 годишна возраст, околу 606 година.
Во четвртата седмица од Великиот Пост, Црквата заради утешување и поучување на оние кои постат, со Божественото сведоштво утврдувајќи ја силата на постот и молитвата, кои на Јован му ја открија лествицата кон рајот и го вознесоа на височината на духовното совршенство, благовествува дека духот на злобата се изгонува од човекот само преку молитвата и постот, истовремено најавувајќи ја радоста на воскресението Христово.