Редовното користење на средства за чистење може да влијае врз белите дробови како и пушењето цигари, предупредуваат истражувачите. Тие на универзитетот Бергенс во Норвешка ги анализирале податоците добиени од повеќе од 6200 луѓе кои користеле производи за чистење во текот на две децении. Испитаниците имале во просек 34 години кога почнале да учествуваат во студијата.
Истражувачите откриле дека жените кои чистеле во домаќинството или професионално се занимавале со чистење, имале послаби функции на белите дробови.
-Се појавуваат сè повеќе податоци за краткорочните ефекти на таквите хемикалии врз астмата, но немаме знаења за нивното долгорочно влијание врз општото здравје”, предупредува д-р Сесил Свејнс, професор на универзитетскиот Центар за меѓународни студии за здравјето.
Во студијата бил мерен капацитетот на белите дробови кај испитаниците и истиот бил споредуван со нивните навики. Научниците откриле дека жените кои редовно користеле производи за чистење имале значително намален капацитет на белите дробови и поголема шанса да заболат од астма.
Меѓутоа, студијата не покажала промена во функцијата на белите дробови кај мажите кои чистеле. Сепак, истражувачите напоменуваат дека во истражувањето учествувале мал број на мажи чии професии вклучувале редовно чистење. Уште едно од ограничувањата во студијата е тоа што помеѓу учесниците имало мал број на жени кои воопшто не чистеле.
-Пораката на оваа студија е дека долгорочното користење на хемикалии за чистење многу веројатно им нанесува голема штета на белите дробови”, изјавил Свејнс и нагласил: “Тие хемикалии се обично непотребни бидејќи за чистењето во домот се доволни и само вода и крпа од микрофибер.