Руската преведувачка и афирматорка на македонската култура Олга Панкина продолжува со активностите поврзани со реализација на проектот „Читај ја Македонија!“.
Според Панкина, крајот на годината е добро време за сумирање на резултатите од изминатата година и споделување планови за наредната.
– 2022-та година во таа смисла беше многу успешна. Во организациjа на невладината организациjа Македонски културен центар основана во Москва пред 12 години беа одржани низа активности со цел поширока промоција на македонските културни вредности: тркалезни маси, изложби на книги, претставување на творештвото како на писатели-класици на македонската литература (на пример Блаже Конески, Радован Павловски), така и на млади автори (Иван Антоновски, Ефтим Клетников, Елена Пренџова и други во рамки на прославата на Денот на словенската писменост и култура). Jа претставив современата македонска литература и надвор од Москва: на Меѓународниот фестивал на културата „Степска лира 2022“ одржан во станицата Новопокровскаја во Краснодарскиот краj, на Театарскиот фестивал во градот Долгопрудни, на литературните средби со жители на градовите Внуково и Звенигород во Подмосковје, изјави Панкина.
На 25 декември годинава во библиотеката „А.Н. Толстој“ во Москва Олга Панкина ги запозна читателите со изданија на македонските автори чии дела излегоа во Русија во 2022 година.
Во центарот на вниманието беа романите: „Незадоволна“ на младата писателка Ксенија Николова (Ексмо) и „Фантомско стапало“ на Блаже Миневски, веќе шеста книга во едицијата „Македонскиот роман на 21 век“ и романот „Азбука за непослушните“ на Венко Андоновски објавен на руски вторпат, но овоj пат придружен со изворниот македонски текст (Центар за книга „Рудомино“).
Голем интерес на публиката предизвика поетскиот зборник „Господарот на перото. Поезија на Радован Павловски“ издаден на иницијатива и на средства на Олга Панкина како израз на нејзина почит кон делото на големиот македонски поет. Пред публиката настапи и московскиот уметник Александар Белугин кој направи илустрации за зборникот. Списанието „Преведувач“ и алманахот „Степска лира“ објавија песни на Влада Урошевиќ, кој благодарение на поетската книга „Пеач во кулата“ објавена порано има многу почитувачи во Русија. Неколку песни на тие двајца автора беа рецитирани во оригинал и во превод пред присутните на настанот.
Панкина наведува дека оваа година не остана без внимание и драмата. По повод 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во 1902 година во Санкт Петербург, издавачката куќа „У Никитских ворот“ ја објави пиесата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот автор со интернационално реноме Јордан Плевнеш.
Зборувајќи за плановите, Олга Панкина истакна дека во 2022 година би сакала да им претстави на читателите и македонски приказни од ризницата на македонското народно творештво.
Олга Панкина информира дека на сите заинтересирани им подари книги на македонските автори.