Членовите на Европскиот парламент ќе разговараат за употребата на сила против српските демонстранти на пленарната седница во Стразбур денеска додека на маргините на сесијата ќе се одржат панел-дискусија за состојбата на демократијата во Србија и прес-конференција на Европската зелена партија за ситуацијата во таа земја.

Дебатата на пленарната седница, на тема „Бран на насилство и континуираната употреба на сила против демонстрантите во Србија“, ќе се одржи попладне, со учество на претставници на Европската комисија и Советот на ЕУ. Таа дискусија беше вклучена во дневниот ред на иницијатива на политичката група Социјалисти и демократи.

Претпладне ќе се одржи панел-дискусија „Србија: Демократијата на крстопат“, организирана од три политички групи во Европскиот парламент – Социјалисти и демократи, Зелени и Обнови ја Европа.

Европската зелена партија објави дека пред панел-дискусијата, во 9:00 часот, ќе одржи прес-конференција во ЕП на тема „растечкиот авторитаризам на претседателот Александар Вучиќ и насилната репресија врз демонстрантите“ во Србија.

По повод денешната дискусија на тема „Бран насилство и континуирана употреба на сила против демонстрантите во Србија“, Европскиот парламент објави документ наменет за европратениците и персоналот да се запознаат со настаните во Србија во последните 10 месеци.

Во документот, меѓу другото, се наведува дека претседателот Вучиќ и неговата Српска напредна странка ја управуваат земјата од 2012 година со висока концентрација на моќ, контрола на медиумите и слаб систем на „контроли и рамнотежа“ (поделба на власта).

Исто така, се наведува дека Србија се карактеризира со длабока политичка поларизација и незадоволство на граѓаните, како и дека српското општество е длабоко поделено помеѓу лојалистите на владата и застапниците на реформите.

На 8 февруари 2024 година, Европскиот парламент усвои Резолуција за состојбата во Србија по изборите во декември 2023 година, со која побара истрага за пријавените нерегуларности. Во резолуцијата усвоена на 7 мај оваа година, за извештаите на ЕК за Србија за 2023 и 2024 година, ЕП ја поддржа европската интеграција на Србија, но ги повика нејзините власти да ги забрзаат реформите во областа на слободата на медиумите, независноста на судството и основните права, во согласност со стандардите на ЕУ.