Европската интеграција на Македонија, можноста за одржување прва меѓувладина конференција, процесот на проширување на Европската Унија, како и актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19 биле теми на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Брисел.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Пендаровски на средбата оцени дека е од клучно значење спречувањето на стагнацијата во динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија и порача дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, бидејќи на тој начин државите од Западен Балкан се одржуваат фокусирани на реформите и придонесуваат кон европската безбедност и стабилност.
По средбата Пендаровски изјави дека Република … Македонија останува посветена на исполнување на својата надворешно-политичка цел – полноправно членство во ЕУ, како и на спроведување на реформите во земјата.
– Ова е моја втора посета на највисоките европски институции во последните две години. Денеска имав средба со практично сите носители на највисоките функции во Европската Унија, почнувајќи од претседателот на Европскиот совет, комесарот за проширување, претседателот на Европскиот парламент, известителот од Европскиот парламент за нашата земја. Со сите нив имавме една, практично, единствена агенда, како после ова време на пандемија да го реактивираме дијалогот кој очигледно замре, не по наша вина, не по нивна вина, се разбира, туку поради оваа пандемија, која практично ги редуцираше обврските на неопходниот минимум, рече шефот на државата.
Со соговорниците разговарал на неколку прашања – најпрво за тоа како се справуваме и во која фаза сме од имунизацијата со вакцини против Ковид-19.
– Во таа смисла јас изразив исклучителна благодарност до европскиот солидарен фонд, кој веќе од следната недела ќе почне да ги испорачува количините од „Фајзер“, кои се договорени преку посредникот Австрија, како земја членка на Европската Унија, и тоа ќе го прави неделно и месечно во наредните два квартали. Во ситуација кога практично не постои ниту една европска држава членка на Европската Унија која има целосно вакцинирано повеќе од 10 отсто од својата популација, oва е навистина израз на вистинска солидарност и јасен знак дека Европската Унија смета на Западниот Балкан, бидејќи овој фонд се однесува за сите шест држави од Западниот Балкан, смета на Западниот Балкан како на составен дел на Европа, не само во географска, туку и во политичка, економска и институционална смисла, изјави Пендаровски.
Претседателот разговарал и за реформите кои се во тек во нашата земја, а за тоа, вели, имал подолга дискусија со соговорниците за тоа што тие очекуваат од нас.
– Главната работа која ја очекуваат е да се задржи и по можност засили реформското темпо. Јас известив за најновите случувања во таа смисла, за процесирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично првпат во историјата на нашата држава, меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција и апсолутно е јасно дека тоа ни е забелешка која ни ја кажуваат со години наназад и дека немаме уште многу време за да можеме, досието наше, реформско и проевропско во таа смисла да го допотполниме, наведува Пендаровски.
Како што информира неговиот Кабинет, претседателот на државата посочи дека најголем дел од дискусијата бил посветен на проблемот кој, како што вели, Бугарија го има со нас. Изјави дека не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција поради противењето на Бугарија.
-Проблемот е во тоа што, тоа сите го лоциравме, е тоа што изборите во Бугарија завршија меѓутоа без јасен победник и според последните информации сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни и ако е тоа случај во следниве шеесеттина денови би имале само т.н. техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања. Значи, нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања особено. Јас реков дека ние сме подготвени, имаме специјален претставник за тоа прашање, имаме целосна координација меѓу највисоките владини претставници и мојот Кабинет на таа тема, подготвени сме уште денеска да се вратиме на маса, да разговараме за сите отворени прашања се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно. Значи, во овој момент е неопходно како предуслов да започнат тие разговори повторно да се идентификува соговорникот од бугарска страна и тоа, се разбира, не зависи воопшто од нас, зависи само од Република Бугарија – како тие ќе решат да направат и кого ќе предложат, поединец, Влада, институција итн, наведува Пендаровски.
На состанокот тој ја нагласил важноста на стратешка сесија на ЕУ, закажана за 10 мај, за иднината на Западниот Балкан и односите на Западниот Балкан со Унијата. За таа цел, како што вели, нивната комисија и нивниот посебен директорат има изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан.
– Бидејќи, за жал, во регионот две држави преговараат, меѓутоа тој процес не е ни близу до своето завршување, две држави чекаат да почнат преговори и тоа се одолговлекува во неколку наврати. Прво ја чекавме новата методологија, таа беше усвоена, подоцна излегоа некои други проблеми, а две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. Европската Унија тоа сака да го промени по можност до крајот на годината, можеме само да ги поздравиме нивните напори бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција кон Европската Унија без некои сигнификантни чекори напред, изјави претседателот Пендаровски.
Во рамки на работната посета на Брисел, шефот на државата претходно оствари средби со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Македонија, Илхан Кјучук.
Кабинетот на Претседателот информира дека Пендаровски утре ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.