Човештвото заклучно со денешниот ден ги има потрошено сите природни ресурси што годишно може да ги обезбеди планетата Земја, така што влегува во таканаречен еколошки долг два дена порано отколку лани.
Денот кога се пречекорува преку максималната граница на земјините ресурси од 1970 година наваму настапува се порано, освен во 2020 кога тоа беше на 22 август, за што причина беше намалената потрошувачка на ресурсите поради пандемијата.
Глобална мрежа за истражување „Глобал футпринт нетворк“ што секоја година го пресметува тој датум, соопшти дека на глобалната популација за обнова на се се она што го троши и е потребен биокапацитет од 1,75 од Земјата.
Три милијарди луѓе живеат во земји што произведуваат помалку храна отколку што консумираат и заработуваат помалку од светскиот просек, се наведува во извештајот.
Исто така, 72 отсто од светското население живее во земји со дефицит на биокапацитет и помали приходи од светскиот просек.
Во соопштението се посочува дека 60 отсто од еколошкиот отпечаток на планетата се состои од емисии на јаглерод диоксид и дека тие мора да се сведат на нула до 2050 година за да се избегнат брзите климатски промени.
Фактот дека пречекорувањето на ресурсите трае веќе 50 години значи дека вкупните годишни дефицити создадоа долг за животната средина еквивалентен на 19 години планетарна регенерација.
– Резултатот е широко распространета деградација на еко-системот и атмосфера исполнета со гасови со ефект на стаклена градина, се наведува во соопштението.
Пресметано е дека доколку човештвото го пролонгира датумот на надминување на ресурсите за шест дена секоја година, до 2050 планетата ќе ги обезбеди сите потреби на населението на Земјата. Што се однесува на поставените цели за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, датумот би морало да се одложи за десет дена.
Извештајот нагласува дека постојат многубројни и економски исплатливи можности за постигнување на тие цели. Меѓу препорачаните се мерки за двојно намалување на отпадот од храна, подобрување на велосипедската инфраструктура и производство на повеќе електрична енергија од ветер.