Краснојарскиот трговец Иван Латкин во писмо на дивеевската игуманија Марија ѝ раскажува за прекрасната помош која му ја укажал свети Серафим Саровски.
„Во 1860 година, јас во градот Краснојарск бев болен два месеци. Едвај можев да одам. Меѓутоа, газдата кај кого работев, испратил да ме известат да се подготвам со него да одам во градот Томск. Болничарот кој ме лекуваше ми рече дека ќе умрам ако четири пати за 24 часа не го менувам завојот на раните. Без разлика на тоа, јас бев должен со домаќинот да појдам на пат. Во колата седевме еден покрај друг. Патот до градот Томск траеше три дена. Јас за својата болест не смеев да му кажам на газдата, ниту на патот го менував завојот. Во Томск зедовме стан. Вечерта легнав на креветот на страна и заспав. Во сонот го видов следново:
Влегува старец во бела наметка до над колена, опашан. Приоѓајќи ми, тој со раката ме удри по ногата и ми рече:
‘Ете, не се лекуваше, а оздраве!’
Во истиот миг се разбудив. Земајќи оган ги погледнав раните од кои за време на целиот пат не го тргнав завојот. На мое воодушевување, не беше останало ниту трага од мојата болест. Тоа ме израдува до тој степен што залудно неколку пати трчав до параклисот на Иверската Мајка Божја со намера да купам житие на Светите Отци. Секако, таму беше затворено, бидејќи беше околу полноќ. Кога почна да се разденува, пак отрчав до параклисот. На моја радост видов еден монах како го чисти снегот. Го прашав:
‘Имате ли житија на Светите Отци?’
Ми одговори дека има.
Го отвори параклисот и ми даде една книга. Ја зедов книгата и отворајќи ја, неочекувано го здогледав токму ликот на старецот кого го видов во сонот. Тоа беше свети Серафим Саровски, јеромонахот во Саровската пустина, кого од порано не бев го ниту видел, ниту го познавав”.