Едно лице загина, а 13 се повредени во пожарот кој избувна денеска во гасната електрана во регионот на Москва, со пламени столбови високи преку 50 метри, јавија руските власти.
Според агенцијата Риа Новости, загинал чувар на централата, едно лице е префрлено во болница, а 12 се полесно повредени.
Извори од Медицинскиот центар за итни случаи велат дека повредените се со изгореници од прв или втор степен.
Пожарот избувна околу 11 часот на гасоводот што ја напојува централната станица и се наоѓа во станицата. Пожарот се прошири на површина од повеќе од илјада метри квадратни и ја зафати административната зграда и магацинот.
Пожарникарите во попладневните часови соопштија дека пожарот е изгаснат.
Компанијата „Мосенерго“ соопшти дека помошните генератори се активирани и дека се зголемени производните капацитети на другите централи. Штетата е проценета на преку 150 милиони рубљи (2,1 милион евра).
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјањин на Твитер објави дека биле испратени околу 50 противпожарни возила за справување со пожарот во селото Челобитијево, што се наоѓа неколку километри од Москва.
Претходно, портпаролката на итните служби Зана Терехова изјави дека на местото на инцидентот се наоѓаат повеќе од 150 пожарникари, десетици пожарникарски возила, хеликоптери и возови.
Термоцентралата број 27, која работи на природен гас, ги снабдува со струја и греење северните и североисточните делови на главниот град на Русија. Изградбата на централата почна во 1987 година, а заврши во 2000 година. Станува збор за најмодерната централа во Москва.