Зоран Дамјановски – Циц е последниот кој има право било кого да обвинува за лукративни мотиви. Нека објасни – од каков зорт во 2009 година го напушти СДСМ и премина во друга партија? Дали тогаш желбата за уште еден градоначалнички мандат му беше посилна од „љубовта“ кон СДСМ?, реагира министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Што се однесува до тоа дали се нудел на ЗНАМ – ќе се воздржам од коментар од почит кон едни други времиња.

П.С. Друже Циц, знам дека сè уште не можеш да преболиш што јас бев генерален секретар, а Радмила претседател на СДСМ, кога те исклучивме од партијата поради твоето отсуство на лична храброст да потпишеш исписница!

П.С.2 – Не го мешај Бранко Црвенковски во јаловите обиди да го направиш Мартин градоначалник на Куманово. Не бива таа работа – и самиот знаеш! Ако можеше ти да бидеш три мандата градоначалник, Максо со целиот свој труд и посветеност сигурно заслужува многу повеќе, затоа што направи повеќе во еден мандат отколку ти во трите мандата заедно!

П.С.3 – Непристојно е, на твоја зрела возраст, друже Циц, да им правиш ќеиф на Заев и Венко и како некое учениче да ја прифаќаш улогата на носител на негативна кампања против ЗНАМ. Мене ме фаќа срам, а камоли твоите блиски.

Друже Циц, граѓаните на Куманово заслужуваат чесност, посветеност и вистинска грижа, а не политички манипулации и калкулации. Времето на старите политички трикови заврши!, вели Минчев во својатата реакција.

Рекацијата на Минчев доаѓа откако Зоран Дамјановски – Циц, бивш градоначалник на Куманово и член на СДСМ, во емисијата Стадион на Канал 77 изјави:

„Не е точно дека Црвенковски стои зад ЗНАМ. Таа перцепција е заради Минчев, негов близок пријател, кој отиде во ЗНАМ од нему познати лукративни причини.

Црвенковски, напротив, беше против создавање на фракции или правење на партиички од незадоволници кои на матичната партија и прават штета и служат само како мост за привлекување гласачи од македонскиот електорат и му помагаат на политичкиот противник. Црвенковски е доследен социјал демократ државник со огромно искуство и штета е според мене што не е во политиката“, рече Дамјановски.

Тој смета дека времето на ЗНАМ одминува и типува дека протикандидатот на Максим Димитриевски, социјалдемократот, Мартин Костовски, има големи шанси да стане новиот градоначалник на Куманово.

Дамјановски го изјави и следното:

„Знаете како Максим од локален политичар со мандат за градоначалник кој го доби од Заев стана одеднаш „државник“.

Отиде во некоја колиба на летување во Бугарија, го снимија како ја пее таму „Делете ја, парчете ја“ и преку ноќ стана патриот, државник и лидер на неговата партија. Но времето и него и на партијата му поминува како на секоја помала партија која ке биде само искористена од политичкиот противник и толку… Кажете ми еден капитален проект кој за овие 8 години го направил Максим Димитриевски за Куманово. Ништо, тој наместо локална, тера улога на државник. Јас сум фан на Мартин Костовски, сметам дека СДСМ и Филипче избраа добар кандидат за градоначалник на Куманово на престојните избори, кој е лојален социјалдемократ, одличен познавач на потребите на општината во која има работено десетина години и има реални шанси за победа на изборите“.