Економски и геополитички, Европа е големиот губитник од војната во Украина, Европската унија има недостиг на лидерство, визија, стратегија, порача претседателот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на денешната прес – конференцијата на маргините на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на грчката опозициска партија за време на традиционалната прес – конференција речиси три и пол часа одговараше на прашања на новинарите поврзани со различни актуелни теми во Грција: економијата, внатрешните проблеми во земјата, надворешната политика, односите со Турција, скандалот со прислушувањата, евентуалните постизборни соработки итн.
За руската инвазија, ја изрази поддршката за Украина, велејќи дека тие секогаш се со оној кој се брани и се против инвазијата и прекршувањето на суверените права на една земја, упати критики до ЕУ, но и истакна дека е важно мерките за Русија континуирано да се оценуваат, за да не биде, како што рече, „сами да си пукаме во нозе“.
-Сметаме дека од страна на Европската Унија постои голем недостиг на стратегија. Сметаме дека од оваа голема криза во Украина, големиот губитник, освен украинскиот народ и луѓето кои ги загубија животот, големиот губитник, економски, геополитички е Европа која има огромен недостиг на стратегија. САД не губи, ниту економски ниту геостратешки. Економски не губи ниту Русија. Рубљата стана една од најсилните валути. Од зголемувањето на цената на природниот гас и огромните залихи, успеа да стане регулатор, да ја отвора и затвора славината. Европа е таа која е во вител и според мене, има јасен недостиг на лидерство, визија, стратегија, рече Ципрас.
Во однос на случајот со прислушувањата во земјата, лидерот на СИРИЗА истакна дека „во која било друга земја ќе имавме оставка на премиерот“, посочи дека станува збор за прашање кое не се однесува на СИРИЗА, туку на самата демократија, коментирајќи дека станува збор за „антидемократска диверзија“.
Додаде дека ќе продолжат да работат со средствата што ги дава институционалниот систем на земјата за целосно расчистување на случаите, преку Европскиот парламент и сите меѓународни форуми и паралелно предупреди дека сите оние кои ја знаат вистината и ја кријат, ќе се соочат со криминална одговорност.
На новинарско прашање за грчко-турските односни истакна дека „сигурно не може да се игнорира реториката на ескалација на Ердоган“, додаде дека секогаш имало тензии, но во последните години никогаш не било во толкава мера и посочи дека е важно соочувањето со оваа ескалација без дополнително да се прошири и на терен.
Упати критики и до актуелниот грчки премиер, како за досегашните постапки во односите со Турција, така и затоа што не одржува отворени канали на комуникација со соседната земја.
-Го слушнав господниот Мицотакис во говорот пред една седмица да му вели „јок“ на Ердоган. Ќе очекував господинот Мицотакис да кажува „ јок“ во моментот кога треба, а не пред неговата публика во Солун. Да вели „јок“ за бродот Оруч Рејс, кој наводно го дувна ветрот и ги прекрши нашите суверени права, да вели „јок“ за „Turkaegean“, односно турското Егејско море, кога ја отстапија употребата на името, наводно поради грешка на вработен. Во критичните моменти треба да се вели „јок“. Не го стори тоа, истакна лидерот на СИРИЗА.
Алексис Ципрас во синоќешниот говор на Меѓународниот саем во Солун ги претстави приоритетите и предлозите на партијата, ја изрази подготвеноста на СИРИЗА за преземање на власта, презентирајќи ја владината програма со шест големи приоритети за следните четири години, меѓу кои и зголемување на минималната плата на 800 евра, национализација на грчкото електростопанство, намалување на сметките за електрична енергија, намалување на ДДВ на храната итн.