Граѓаните на Грција утре излегуваат на најнеизвесните парламентарни избори последнава деценија, покажуваат анкетите на јавното мислење. Фаворит е Нова демократија со актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, втора е Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас, а трет е ПАСОК – Движење за промена, објавува ТВ 24.
Според аналитичарите, предноста на Нова демократија нема да биде доволна за убедлива победа на парламентарните избори, а мали се изгледите некоја од партиите да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот од 300 места, па нема да биде изненадување да дојде до нови избори во јули. Предизборната кампања ја продлабочи поделбата во грчкото општество.
Доминираа скандали, навреди и клевети. Убеденост дека Нова демократија ќе биде победник на парламентарните избори, изразија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но и поддржувачите на владејачката партија за време на синоќешниот централен предизборен митинг одржан во Атина.
„Четири големи цели ги поставуваме за следните четири години: подобри плати за сите, достоинствено здравство, нов национален здравствен систем, ефикасна држава, и секако, горда и силна татковина.“ – изјави Кирјакос Мицотакис – Нова демократија.
Лидерот на Сириза, Ципрас, пак, вети дека ќе се бори против инфлацијата, а за тоа ги обвини домашните „картели“. Тој најави дека ќе ја зголеми јавната потрошувачка и ќе ги зголеми платите на државните службеници и здравствените работници. Ципрас најави дека ќе ја врати и довербата во земјата по скандалот околу прислушувањето и најтешката железничка несреќа во Грција во февруари.
„Грција има бугарски плати и британски цени. Демократијата возвраќа за да го собори гнилиот режим што владее со нас.“ – изјави Алексис Ципрас – СИРИЗА.
Проценките се дека секој десетти Грк не знае за кого ќе гласа, а многумина велат дека се разочарани од политиката.