Не постои сомнеж, од моментот кога постои овој масовен обид за мигрантски прилив во земјата, секоја влада ќе го стореше тоа што го направи денешната, вели лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас за затворањето на грчко –турската граница , јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за централното издание на вестите на телевизијата „Мега“, Ципрас го поддржа затворањето на границата, изјавувајќи дека земјата се наоѓа пред геополитичка закана и побара од Мицотакис да свика лидерска средба.
-Се наоѓаме пред геополитичка закана, не пред драмата на бегалците, кои не треба ги третираме како непријатели и натрапници, туку пред геополитичка закана од страна на Турција. А кога имаме закана од геополитички карактер, ние политичките сили мора да имаме минимална рамка за разбирање. Ако не и едногласност, рече Ципрас.
Поранешниот грчки премиер рече дека земјата треба од Европската унија да побара суштинска поддршка, да се закани со вето во ЕУ на сите одлуки на Европскиот совет, но и со санкции за Турција.
Паралелно рече дека Турција, еднострано го поништува договорот со ЕУ
На прашањето, што ќе му кажеше на Мицотакис доколку го имаше пред себе, Ципрас рече дека владата, во националните прашања, „има обврска да ги зема предвид и позициите на опозициските партии за да создаде национална стратегија“.
-Ќе му побарав да го свика Советот на политички лидери и ќе му побарав да води политика на барања од Европската унија. Бидејќи интернационализирање на проблемот не е „ги информирам партнерите“, ниту да ги однесам онаму каде што е поволно поле за нив, бидејќи за нив, поволно поле е да одат во Еврос. Треба да имам барања од партнерите. Барам промена на позицијата кон Турција, барам пред сè санкции, рече Ципрас.
Тој објасни дека СИРИЗА поддржува план за намалување на бројот на бегалци и мигранти на островите и нивно префрлање во други делови на Грција