Вечерва заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што донесе две важни одлуки, пренесува Курир.
Првата е дека Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овластил претседателот на партијата Христијан Мицкоски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство, а со тоа и да ја состави новата влада.
Втората одлука, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за измена на статутот на партијата во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности над членството и органите и телата на партијата следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, пред се германската ЦДУ, австриската конзервативна партија и останати сестрински партии од европското семејство.
По ЦК изјава даде Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ.
Истата ја пренесуваме во продолжение:
Новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политиките на партијата и се плод на повеќегодишна анализа и соработка со напредните политички партии.
Новини се водењето сметка за европските вредности, воведувањето на непосреден избор на претседател на ОК и раководство на општинските комитети од страна на членството, демократски избор на идни државни функционери, кандидати за градоначалници од страна на партиските бази, воведување на нови органи и тела во партијата, како и ограничување на правото на реизбор на претседател на партијата и останати високи партиски функционери.
Воедно новиот Статут предвидува и Унија на ветерани, како и Форум на интелектуалци на партијата.
Во таа насока ја информираме целокупната јавност дека се превземени следниве измени кои поминаа на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
- Значењето на европските принципи и вредности, државотворниот и демократски капацитет на партијата, како и конзервативната идеологија и заштитата на македонските национални интереси во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се истакнати уште на самиот почеток на истиот.
Имено во Член 2 од новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се утврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која што ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности.
ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа и споделува принципите, вредносните определби и практики на Европската народна партија.
- Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ дефинирани со овој статут, ја продолжуваат заложбата на нашата државотворна партија за независна, суверена, самостојна, граѓанска, демократска држава која почитувајќи ги сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и заедниците во рамки на една унитарна држава која што се стреми да стане членка на Европската унија.
- Во овој статут особено важно е тоа што се потенцира на рамномерната застапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата, како и воедно застапеноста на младите во внатрепартиските структури.
- Со новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се овозможува примена на начелото на непосредна демократијаодносно, партијата е должна да им овозможи на сите оние кои што се релевантна група на истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно врз основа на таквиот нивен став партијата донесе партиски став кој што во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата се со цел подобрување на целокупниот општествен живот во Република Македонија.
- ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на конгрес, согласно новиот Статут им го ограничува мандатот на 4 години, при што максимум на истата функција, кој и да било од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати и тоа под услов во третиот мандат да е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство.
Исто така со овој Статут, мандатот на сите останати партиски функционери во сите органи и тела на партијата се ограничува на 2 години.
- Барање за одржување на вонреден Конгрес освен претседателот на партијата сега може да поднесат и ½ од членовите на Централен комитет. Досега барањето мораше да биде поднесено од 2/3 од членовит на ЦК за да може да се одржи вонреден Конгрес.
- Се воведува нова партиска функција претседавач на Централниот комитет, кој што ќе треба да биде прв меѓу еднаквите на ниво на Централниот комитет.
- Чекор напред во непосредно демократско одлучување за избор на кандидати за советници во локалната самоуправа, е тоа што во новиот Статут нив директно ќе ги бира Собрание на општинските комитети, односно членовите во рамки на секоја општина. На овој начин ќе се избираат и новите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А, воедно на овој начин ќе се предлагаат и новите претседатели на општинските комитети.
Ова се само дел од значајните измени на овој реформски Статут, кој што ќе треба во иднина да го сплоти ВМРО-ДПМНЕ, да ги зајакне демократските капацитети на една десничарска партија се со цел да дадеме понуда на граѓаните на Република Македонија со кое што ќе се овозможи подобар просперитет на сите нас во Република Македонија.