Бадниковите поворки, кои втора година по ред се одржуваат во пандемски услови, и оваа година како и минатата се заменети со хуманитарна акција, со симболичен наслов „Црвен тепих на хуманоста“, која ќе се одржи во 18 градови.

-Најмасовната празнична хуманитарна акција во Македонија, со симболичен наслов „Црвен тепих на хуманоста“, се проширува во уште 12 градови низ Републиката. Охрабрени од огромниот интерес и успех што црвениот тепих го постигна во Скопје, Кичево, Штип, Струга, Крушево и Виница, акцијата на дарување покрај Божикните пештери, продолжува во Охрид, Битола, Прилеп, Дебар, Ресен, Тетово, Гостивар, Велес Кочани, Свети Николе, Демир Капија, Македонски брод, информираат организаторите.

Од „Бадниковите поворки“ истакнуваат дека ѕвезди на црвениот тепих се сите хумани граѓани, фирми, организации и здруженија коишто несебично издвојуваат дел од своите добра за да ги усреќат своите сограѓани во немаштија.

-Втора година по ред, Бадниковите поворки на радост коишто вообичаено вклучуваат директно учество на неколку илјади деца, се заменети со хуманитарни акции. За жал, пандемските услови налагаат воздржување од поголемо групирање во колективна радост и заштита на здравјето на најмалите коишто вообичаено се придружувани од своите родители, баби и дедовци. Затоа божикната радост, љубов, топлина и добрина, оваа година Бадниковите поворки ја шират во вид на дарување на своите сограѓани погодени од кризата, велат од „Бадниковите поворки“.

Детални информации за секој град, како и за останатите активности на Бадникови поворки во пресрет на Бадник и Божик, на официјалната фејсбук-страница: https://www.facebook.com/BadnikoviPovorki/