Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) ги повика земјите донатори да обезбедат хуманитарна помош од 33 милиони американски долари за населението погодено од авганистанскиот конфликт. Според соопштението издадено од генералниот директор на организацијата Роберт Мардини средствата, пред се, ќе бидат потрошени за медицински цели.
„Во моментов, МКЦК има финансиски недостиг од околу 30 милиони швајцарски франци (33 милиони американски долари) од вкупниот буџет од приближно 79 милиони швајцарски франци (86 милиони долари). Ги повикуваме донаторите за итно дополнително финансирање за поддршка на нашата работа, вклучително во областа на медицината и нашите центри за физичка рехабилитација“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека Меѓународниот комитет на Црвениот крст е присутен во Авганистан од 1987 година. Персоналот на МКЦК со години работи на заштита и помош на оние на кои им е потребна во областите под контрола на талибанците, а организацијата има отворени канали со локални и високи лидери.
Од 1 август, повеќе од 7.600 пациенти повредени од огнено оружје се третирани во објектите поддржани од МКЦК низ целата земја. Повеќе од 40.000 луѓе ранети со огнено оружје биле третирани во објектите поддржани од МКЦК во јуни, јули и август.
МКЦК е одлучен да остане покрај авганистанскиот народ и да им помогне на мажите, жените и децата да се справат со ситуацијата, се вели во соопштението.
„Авганистан е во преоден период и тешко е и ние и Авганистанците д аго предвидиме резултатите. Но, знаеме дека хуманитарните потреби ќе останат високи.
„Ќе продолжиме да работиме рака под рака со Друштвото на авганистанската Црвена полумесечина за да им помогнеме на оние чии животи беа обележани од војната“, рече Мардини.