Поради обилните врнежи од дожд на територијата на Републикава, заклучно до 18 часот, регистриран е зголемен водостој на реките, локални излевања и интервенции на надлежните служби во повеќе региони.

-Во Штипско–Кочанскиот регион е зголемен водостојот на реките и одводните канали. Кочанска река има локално излевање кај село Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ – Кочани со механизација. Оризарска река е излеана кај село Грдовци, каде што интервенира Водостопанство „Брегалница“, а МВР ПС Кочани врши обезбедување и регулирање на сообраќајот. Зрновска река има излевање пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи РЦУК. Злетовска река и Брегалница се со зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи.

Во Охрид, како што посочуваат од ЦУК, најкритична е состојбата во населбата Далјан, по излевање на реката Далја. Интервенираат ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ со механизација, додека ТППЕ и ДЗС со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. РЦУК Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, преземени се мерки за заштита на патната инфраструктура.

Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата на поплавените објекти на улица „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.

Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат контроли на терен од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, Македонијапат расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозени површини.

Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, додека Македонијапат и комуналните претпријатија вршат превентивно посолување и расчистување на ризични патни делници.

Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација од приватна фирма. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.

Од ЦУк посочуваат дека надлежните институции ја следат состојбата и апелираат на внимателност, особено во ризичните подрачја.